Кандидатот на Републиканската партија за претстојните претседателски избори во САД, Доналд Трамп, изјави дека неговата противкандидатка, демократката Камала Харис, има „изопачен ум”. Оваа реакција дојде по нејзината изјава на Си-Ен-Ен, каде што го нарече Трамп „фашист” и го обвини дека е опасен и неподобен за позицијата претседател. Според Трамп, ваквите коментари се дел од нејзината „екстремно левичарска политика”, додавајќи дека Харис претставува „закана за демократијата” . Во својата изјава, Харис се повика на зборовите на Џон Кели, поранешен шеф на кабинетот на Трамп, кој претходно ја спореди политиката на Трамп со фашизмот. Харис нагласи дека ваквите коментари, особено во период непосредно пред изборите на 5 ноември, се предупредување до јавноста за сериозните закани што ги носи евентуалното враќање на Трамп на власт.
