Во Домот на културата „Билјана Беличанец“ синоќа, на последната фестивалска вечер, во преполната сала во присуство на бројни филмски работници, уметници, актери, режисери, претставници на политичкиот и културниот живот на земјава и претставници на дипломатскиот кор беа доделени наградите на 9. издание на МФФ Киненова.
„Гран при“ доби филмот „Жена-убиец“ на грчката режисерка Ева Натена, која на оригинален начин го доловува родовото прашање, адаптирајќи за големото платно ремек-дело на светската литература со одлична режија.
-Оваа награда ја чувствувам како мост меѓу нашите земји, бидејќи уметноста може да го направи она што многу политичари не можат. Затоа ја посветувам наградата на нашиот мост и се надевам дека тој ќе не направи поблиски во иднина, рече Натена заблагодарувајќи се за наградата.
Наградата за најдобра режија ја доби хрватскиот режисер Андреј Коровљев за филмот „Хотел Пула“, за извонредната употреба на филмскиот јазик, за деликатниот начин на кој ги прикажа тешките настани и ликови од војната во поранешна Југославија, сугерирајќи дека љубовта може да постои дури и на места каде никогаш не би ја очекувале.
