Матеј Петров од Скопје е годинашен победник на традиционалниот Национален слем-натпревар, кој се одржува секоја година, веќе 14 години, во Прилеп. Победникот беше избран од петчлено жири избрано од публиката, на почетокот од настанот, во кое беше и неколкукратната национална победничка и претставничка на Европското слем-првенство, Марија Грубор од Велес.
Петров досега има издадено две книги: „Quarantena, the isolation poems“ (2021) и „Кој мисли, кога ѕвонат внатре мислите“ (2024), во соработка со својот најдобар другар, Александар Алексов Балабанов.
Матеј победи во вториот од двата круга, кога се натпреваруваше со второпласираниот Виктор Спасески од Прилеп, кому ова му е втор пат да биде второпласиран во финалето. Третото место, со ист број поени, го делеа четири „слемерки“: Вероника Димоска од Струга, Виолета Колевска- Атанасоска од Битола, Даница И. Лепојевиќ од Велес и Марина Икономова-Шокева од Охрид.
