Со концертот насловен „Го славиме јубилејот“ на кој како солист ќе настапи нашата светски позната оперска певица, сопранистката Ана Дурловски, под диригентската палка на шеф диригентот, маестро Јерухам Шаровски од Израел, в четврток (10 октомври) во 20 ч. ќе биде отворена новата, роденденска сезона на Македонската филхармонија насловена „Одисеја“.
Присутната публика ќе има можност да ужива во атрактивна програма. Во рамките на концертот премиерно ќе биде изведено делото „Шест едноставни песни“ за сопран и оркестар и Лид на Мариета од операта „Мртвиот град“ од Ерих Корнголд, симфонијата во четири сцени „Манфред“ од Петар Илич Чајковски, а светска премиера ќе има и симфониската поема „Јубилејна фантазија“ од македонскиот композитор Борис Светиев.
