Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во утринската програма на Македонската телевизија, зборуваше за пензиите, моменталната методологија за усогласување на пензиите, состојбата на пензискиот систем и барањата на пензионерите кои излегоа на протест.
„Кога бев избрана за министерка прва работа што ја направивме беше воспоставување на системско решение за постојан раст на пензиите, методологија која ги следи инфлацијата и просечната плата. Решение согласно кое пензијата нема да биде условувана од ниедна влада и политичка партија,“ рече Тренчевска.
Министерката истакна дека секој март и септември пензиите се усогласуваат со оваа методологија. Како и дека од 2022 година досега, пензијата е зголемена за 24 отсто. Таа потенцираше дека сепак не мисли дека минималната пензија е висока, но од 9000 денари таа согласно последното усогласување расте за околу 4000 денари односно ќе биде над 13.000 денари.
Министерката се осврна и на политичката позадина на организацијата на протестите на пензионерите, дека тие не се воопшто спонтана реакција, туку зад нив стои опозицијата односно ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со вчерашната средба со претставниците а Иницијативниот одбор на пензионери кои протестираа, таа порача дека вратите на министерството се отворени за секој граѓанин, за информација, барање и потреба. Барањата кои беа истакнати од страна на Иницијативниот одбор ќе се разгледаат.
